
Во текот на 2025 година биле откриени речиси 178.000 илегални преминувања на надворешните граници на ЕУ, што претставува намалување за 26 отсто споредно со претходната година, покажуваат првичните податоци на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс) за минатата година, објавени денеска.
Според Фронтекс, бројката од 178.000 илегални преминувања е за речиси половина помала во споредба со онаа во 2023 година и е на најниското ниво од 2021 година.
Фронтекс работи заедно со националните власти преку заеднички операции, воздушен и поморски надзор, техничка поддршка и споделена свест за ситуацијата. Соработката со земјите партнери надвор од ЕУ, исто така, игра важна улога, особено на Западниот Балкан, каде што поблиската оперативна соработка помогна да се намали притисокот и да се прекинат мрежите за криумчарење, посочува Агенцијата.
Извршниот директор на Фронтекс, Ханс Лајтенс изјави дека ваквиот тренд покажува оти работите се движи во вистинската насока, но дека ризиците сепак не исчезнуваат.
Овој намалување покажува дека соработката може да даде резултати. Но, тоа не е покана за опуштање. Наша одговорност е да останеме будни, да ги поддржуваме земјите членки на терен и да осигуриме дека Европа е подготвена за нови предизвици на своите граници, рече Лајтенс.
Според него, подготвеноста и можноста за контрола на границите е поврзана со практични избори.
Тоа значи службеници на должност, подготвени средства и тесна соработка со националните власти и партнери надвор од ЕУ. Така Фронтекс ѝ помага на Европа да остане подготвена за сè што следи, додаде Лајтенс.
Во извештајот на Фронтекс се нагласува дека и покрај значајното намалување на илегалните гранични преминувања, ситуацијата на границите на Европа останува неизвесна, а миграцискиот притисок може брзо да се менува под влијание на конфликти, нестабилност и мрежите за криумчарење луѓе.
Европската Унија веќе се справува со обидите на непријателски актери да ги искористат миграциските текови за да извршат притисок врз надворешните граници на ЕУ. Гледајќи кон иднината, 2026 година ќе биде клучна година за управувањето со европските граници, смета Фронтекс.
Според Агенцијата, Пактот на ЕУ за миграција и азил, кој треба да стапи во сила во јуни годинава, ја означува најдалекусежната реформа на европскиот систем за миграција и азил во последниве години и ќе се совпадне со големите промени во контролата на европските граници, вклучително и со целосното воведување на Системот за влез и излез (ЕЕС) и планираниот старт на Европскиот систем за информации и авторизација за патување (ЕТИАС) предвиден за во текот на годината.
Доколку нема голема геополитичка ескалација во непосредното соседство на ЕУ, би можел да продолжи трендот на намалување на илегалната миграција кон Европа преку копнените и морските граници, започнат од 2023 година. Ова ќе зависи од одржливата соработка со земјите на потекло и транзит, како и од способноста на Европа да остане подготвена за ненадејни промени, заклучува Фронтекс.
Според извештајот, најактивна миграциска рута кон ЕУ во 2025 година, како и во 2024-та, била Централномедитеранската со регистрирани над 66.300 преминувања пред сè од Либија кон Италија, што претставува намалување за еден отсто на годишно ниво. Главни земји на потекло на мигрантите на оваа рута биле Бангладеш, Египет и Еритреја.
По неа следува Источномедитеранската рута со речиси 51.400 преминувања или намалување за 27 проценти на годишно ниво. Главната рута тука потекнува од источна Либија до островот Крит и најголемиот број откриени мигранти се од Авганистан, Судан и Египет.
Наредна според бројноста на илегални преминувања е Западномедитеранската рута, на која со откриени нешто над 14.300 мигранти и е единствената на која се бележи раст на миграцискиот прилив и тоа за 14 отсто. Ваквиот раст се поврзува главно со поголемиот број илегални мигранти кои лани кон Европа се упатиле од Алжир. Главни земји на потекло на овие мигранти се Алжир, Сомалија и Мароко.
Најголем пад од 63 отсто се бележи на Западноафриканската рута, преку која во 2025 година биле регистрирани речиси 17.300 мигранти, главно од Мали, Сенегал и Гвинеја.
Значително намалување на бројот на илегални преминувања и тоа за 42 отсто има долж Западнобалканската рута, каде лани биле регистрирани нешто над 12.500 мигранти, пред сè од Турција, Авганистан и Сирија. Според Фронтекс, ваквото намалување се должи на неговата тесна соработка со националните власти во регионот и засилените безбедносни мерки преземени од нивна страна, вклучително и со започнувањето на новата операција на Агенцијата во Босна и Херцеговина од ноември 2025 година.
На Источната копнена рута се регистрирани нешто над 10.800 илегални мигранти, главно од Украина и Сомалија, што претставува намалување на миграцискиот прилив за 37 отсто на годишно ниво.
Паралелно со ова, откриени се и над 65.800 обиди за илегално преминување од Европа преку Ламанш за Велика Британија, што претставува намалување за три отсто во споредба со 2024 година. Меѓу нив, најбројни биле државјани на Еритреја, Сомалија и Авганистан.
Гледано во целост трите најчести земји на потекло на илегалните мигранти во 2025 година биле Бангладеш, Египет и Авганистан.
Фронтекс посочува дека најсериозните ризици по мигрантите остануваат на морските рути при што криминалните криумчарски банди честопати ги принудуваат луѓето да птауваат по море со преполни и несигурни чамци.
Според проценките на Меѓународната организација за миграција, најмалку 1.878 луѓе ги загубиле животите во Медитеранот во 2025 година, во споредба со 2573 претходната година. Авионите и бродовите на Фронтекс ги поддржуваат националните власти преку откривање на бродови во опасност и споделување на овие информации во реално време, помагајќи во подобрувањето на свеста за ситуацијата и подготвеноста за пребарување и спасување, се додава во извештајот.

Македонски





