
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска го поздрави договорот на земјите-членки на ЕУ за 21-от пакет санкции против Русија.
„Го поздравувам договорот за 21-от пакет санкции против Русија. Во време кога Украина гради воен моментум, нашите санкции продолжуваат да ги ослабуваат економските темели на воените напори на Русија“, објави Фон дер Лајен на Икс.
Таа истакна дека е направен важен чекор кон формална забрана за влез на руски борбени авиони во ЕУ, дека уште 32 руски банки, платформи за криптовалути и тргување со нафта се додадени на листата на забрани за трансакции и дека горната граница на цената на нафтата е замрзната за една година, „за руската воена машинерија да нема корист од пазарните шокови“. Таа истакна дека за првпат санкциите се насочени кон бродови кои ѝ помагаат на руската флота во сенка.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ утрово постигнаа политички договор за 21-от пакет санкции против Русија, а попладне ќе биде покрената писмена постапка за формално усвојување на одлуката, наведуваат дипломатски извори.
За 21-от пакет се преговараше со денови, а последната пречка беше барањето на Грција да им дозволи на нејзините шпедитери да продолжат да транспортираат течен руски гас наменет за трети земји.
Утрово беше постигнат компромис што предвидува ограничено ослободување од забраната за транспорт на руски течен гас до трети земји за договори склучени пред 24 февруари 2022 година, датумот кога започна руската инвазија на Украина. Советот на ЕУ ќе го разгледува ова ослободување еднаш годишно.
Пакетот вклучува 12-месечно замрзнување на горната граница на цената на руската нафта на сегашното ниво од 44,10 долари за барел, што ќе ја лиши Русија од значителни приходи од нафта, бидејќи цените на нафтата нагло пораснаа поради конфликтот на Блискиот Исток.(МИА)

Македонски


