Skip to main content

Фицо се закани дека ќе ги запре испораките на струја за Украина ако Киев не ја деблокира доставата на нафта за Словачка

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека доколку Киев не ги обнови испораките на нафта за неговата земја во понеделник, тој ќе побара од надлежните словачки компании да ги прекинат вонредните испораки на електрична енергија во Украина.

– Словачка е горда и суверена земја, а јас сум горд и суверен Словак. Доколку испораките на нафта во Словачка не се обноват во понеделник, ќе побарам од СЕПС (словачки систем за пренос на електрична енергија – компанијата што управува со мрежата за пренос на електрична енергија во Словачка) да ги прекине испораките на електрична енергија во Украина, напиша Фицо на својаата фејсбук страница.

Според него, за стабилизирање на енергетскиот систем на Украина во јануари годинава, било потребно да се испорача двојно повеќе електрична енергија отколку за целата 2025 година.

– Западот можеби нема да се спротивстави на саботажата на гасоводот Северен тек, но Словачка не може да ги перцепира словачко-украинските односи како еднонасочен билет, корисен само за Украина, вели Фицо.

Тој истакна дека само прекинот на испораките на гас во Словачка предизвикал штета од 500 милиони евра, а прекинот на транзитот на нафта предизвикал уште поголеми штети и логистички тешкотии.

– Со оглед на неприфатливиот став на (украинскиот претседател Володимир Зеленски) кон Словачка како непријателска земја, ја сметам одлуката да не се приклучиме кон воениот заем за Украина во износ од 90 милијарди евра како апсолутно исправна, додаде Фицо.

Поврзани вести