
Најмалку 10 лица беа убиени, а 12 се ранети во утринското пукање во средното училиште во Грац, Австрија, од кои седум се во критична состојба.
Меѓу загинатите има двајца млади луѓе по потекло од Босна и Херцеговина – 17-годишна ученичка со иницијали К.Ј. и девојка по име Х.А., која починала од повредите. Како што неофицијално објави „Кликс“, лекарите се борат за животот на уште едно лице по потекло од Босна и Херцеговина.
Иако Амбасадата на БиХ во Австрија во моментов нема официјални или неофицијални информации за убиени државјани на БиХ, потврдено е дека станува збор за лица кои се по потекло од БиХ, но не и државјани на таа земја.
Информациите за идентитетот на жртвите ги потврдил за „Кликс“ имамот во Грац, Сабахудин Хасиќ.
Нападот го извршил 21-годишен поранешен ученик кој, според австриските медиуми, влегол во училиштето вооружен со пиштол и пушка. Тој испукал десетици куршуми пред да изврши самоубиство во тоалетот на училиштето, каде што го пронашле полицајци кои ја евакуирале зградата.
Пукањето ја шокираше австриската јавност, а истрагата за мотивите за нападот сè уште е во тек.