Skip to main content

Австрија повеќе не е дестинација за нелегална миграција, вели министерот Карнер

Фото: Freepik

Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер и федералниот полициски директор Михаел Такач ја оценија како успешна „Операцијата Фокс“, започната во декември 2022 година, која ја регулира заедничката работа на полицајци од Австрија и Унгарија во пограничната зона на австриската провинција Бургенланд, со цел ограничување на нелегалната миграција.

Минатата недела биле задржани само 74 нелегални мигранти, соопшти министерот. Пред две години, нивниот број изнесувал над 2.000 неделно.

Според Карнер, значајна разлика е што денес многу малку мигранти поднесуваат барање за азил во земјата. Австрија се претворила во транзитна земја и повеќе не е дестинација за нелегални мигранти. – Целта треба да биде нелегалната миграција да се сведе на нула, изјави министерот за внатрешни работи.

Карнер позитивно ги оцени и другите резултати: пред две години биле уапсени 166 трговци со луѓе, а оваа година само 12, додека бројот на федерални центри за сместување е намален од 34 на осум. Ова претставува „огромно финансиско олеснување“, истакна тој. На крајот, министерот им се заблагодари на австриските и унгарските власти.

„Операцијата Фокс“ ќе продолжи како досега, при што, доколку е потребно, ќе бидат ангажирани од 40 до 50 полицајци, рече Карнер.

Поврзани вести