
САД и Русија се приближуваат кон договор за почитување на договорот „Нов СТАРТ“ (New START) за контрола на нуклеарно оружје по неговото истекување, објави Аксиос, повикувајќи се на три извори запознаени со преговорите.
Нуклеарниот договор Нов СТАРТ, што ги постави ограничувањата за ракетите, лансерите и стратешките боеви глави на САД и Русија, е последниот во серијата нуклеарни договори што датираат од пред повеќе од половина век, од времето на Студената војна.
Разговорите се водеа во Абу Даби во последните 24 часа, но не е постигнат договор, објави Аксиос, повикувајќи се на друг извор.
Белата куќа сè уште не го коментираше извештајот, што следеше по низара други настани во односите меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот.
Европската команда на американската армија денеска објави дека САД и Русија се согласиле да го продолжат воениот дијалог на високо ниво во Абу Даби.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, изјави дека мировните преговори со Русија, со посредство на САД, ќе продолжат во блиска иднина откако преговарачите го завршија вториот ден од разговорите во Абу Даби.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија останува подготвена за дијалог со САД доколку Вашингтон конструктивно одговори на предлогот на Москва да продолжи да се придржува до ограничувањата на нуклеарниот договор „Нов СТАРТ“.
„Доколку има конструктивни одговори, секако дека ќе имаме дијалог“, изјави Песков.
Договорот „Нов СТАРТ“, потпишан во 2010 година, дозволуваше само едно продолжување. Петгодишното продолжување беше договорено од поранешниот американски претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин. Секое ново продолжување бара извршна одлука за доброволно продолжување на ограничувањата на договорот.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој вчера разговараше со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, сака Кина да се приклучи на договорот за намалување на нуклеарното оружје.
Пекинг досега одбиваше да преговара со Москва и Вашингтон бидејќи има околу 600 боеви глави во споредба со околу 4.000 што ги имаат и Русија и САД.
Белата куќа оваа недела објави дека Трамп ќе одлучи за понатамошните чекори во врска со контролата на нуклеарното оружје, кои тој „ќе ги разјасни во свој временски рок“.
САД ги прекинаа воените комуникации со Москва пред рускиот напад врз Украина. Конфликтот, што започна во февруари 2022 година, е најсмртоносната војна во Европа од Втората светска војна и најголемата конфронтација меѓу Москва и Западот од Студената војна.
„Одржувањето на дијалогот меѓу војските е важен фактор за глобалната стабилност и мир и обезбедува средства за поголема транспарентност и деескалација“, објави американската војска.
Продолжувањето на воениот дијалог доаѓа откако шефот на Европската команда на САД, генерал Алексус Гринкевич, разговараше со високи руски и украински воени претставници во Абу Даби.

Македонски



