Skip to main content

22-годишен поранешен ученик уби девет лица во училиште во Грац и се самоуби

Фрипик

Во училиште во Грац, Австрија, утрово се случи масовно пукање во кое загинаа најмалку девет лица, додека напаѓачот, кој е десеттата жртва, извршил самоубиство, соопштија локалните власти – пренесе агенцијата АПА.

Најмалку 28 лица, меѓу кои ученици и наставници, се повредени. Напаѓачот, 22-годишен поранешен ученик на училиштето, бил пронајден мртов во тоалет, каде се заклучил и си го одзел животот по нападот. Според австриските медиуми, тој поседувал легално оружје – пиштол и пушка – и пукал во две училници, од кои една наводно била неговата поранешна училница. На социјалните мрежи се појави видео од друга училница во која се слушаат истрели.

Полицијата соопшти дека ситуацијата сега е под контрола, а учениците биле евакуирани под силно полициско обезбедување.

Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен изјави на платформата „Блускај“ дека нападот „го погодува срцето на земјата“ и дека болката мора да се поднесе заеднички.

Градоначалничката на Грац, Елке Кар, потврди дека меѓу жртвите има ученици и најмалку една возрасна личност, а мотивот на напаѓачот, за кој полицијата верува дека дејствувал сам, сè уште не е познат.

Поврзани вести