
Иранските медиуми информираат дека за време на викендот била погодена спортска сала во јужниот ирански град Ламерд, при што животот го загубиле 20 млади одбојкарки, а над 100 лица се повредени.
Веста најпрво ја објави телевизијата „Ал Мајадин“, повикувајќи се на локални извори, по што информацијата ја пренесоа и други медиуми. Нападот се случил во покраината Фарс, а според извештаите, меѓу загинатите имало и деца кои во моментот се наоѓале во салата.
Првичните податоци говореа за повеќе од 15 жртви, но бројката подоцна се искачи на 20. На трагедијата реагираше и Меѓународната одбојкарска федерација, која изрази длабока загриженост и ја осуди смртта на младите спортистки.
„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до сите погодени од оваа криза во развој“, стои во соопштението.
Од ФИВБ упатија искрено сочувство до семејствата на жртвите и до сите кои се погодени од, како што велат, кризата што се продлабочува, додавајќи дека десетици илјади членови на одбојкарската заедница во регионот се раселени и се соочуваат со неизвесна иднина.

Македонски


