
Кандидатот за градоначалник на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и кандидатот за Карпош, Сотир Лукровски најавија голем урбанистички и еколошки проект – изградба на мега парк покрај реката Лепенец, кој треба да стане нов симбол на зеленото и современо Скопје.
Од запоставен простор до урбана оаза
Просторот долж реката Лепенец, кој со години беше запоставен, ќе биде трансформиран во современ парк уреден по европски стандарди. Паркот ќе се простира на повеќе од 300.000 квадратни метри, на потегот меѓу Бардовци и Даме Груев, и ќе биде првиот мегапарк што ги поврзува повеќе скопски општини.
Новата зелена зона ќе нуди простори за рекреација, спорт и семејни активности, а ќе биде дизајнирана така што ќе ги поврзува населбите, парковите и јавните институции преку пешачки и велосипедски патеки.
Лепенец како симбол на поврзаност и чиста животна средина
Паралелно со уредувањето на паркот, се предвидува и воспоставување зелени коридори по целата должина на реката Лепенец. Проектот има за цел да го интегрира овој природен ресурс во градскиот живот и да го претвори во симбол на урбана поврзаност, чиста животна средина и граѓанска гордост.

Зелени проекти низ сите скопски општини
Мега паркот кај Лепенец е само дел од пошироката визија за „зелено Скопје“. Покрај него, се најавуваат и други капитални парковски проекти:
Мега парк Вардариште – трансформација на поранешната депонија во зелен простор по европски стандарди.
Градска шума „Расадник“ во Кисела Вода – најголем зелен проект во урбано подрачје.
Мега парк долж булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ – нов зелен коридор во Бутел.
„Скопски зелен архипелаг“ – проект што предвидува 50 нови маалски паркови низ сите делови на градот.
Во план е и целосна обнова на Градскиот парк и Паркот на природата Гази Баба, со што двата најголеми еколошки симболи на градот ќе добијат нов живот и современ изглед.
Инфраструктурата како основа на функционален град
Покрај зелените проекти, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ најавуваат и инфраструктурни инвестиции што треба да го подобрат протокот на сообраќај и поврзаноста на Карпош со останатите делови на Скопје.
Еден од клучните проекти е доизградбата на булевар „Љубљанска“, кој ќе го поврзе завршениот мост со улицата „Скупи“. Со тоа ќе се воспостави нова врска меѓу северниот и западниот дел на градот и ќе се растовари сообраќајниот метеж на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“.
Исто така, се планира:
поврзување на Љубљанска со влезот во Бардовци,
современо техничко решение за сообраќајот кај локалитетот Скупи,
реконструкција на улицата „Загребска“, која е клучна за пристап до Детската болница „Козле“,
забрзана доизградба на клучката „Момин поток“, што треба да ја деблокира една од најоптоварените сообраќајни точки во Скопје.
Град по мерка на човекот
Со најавените зелени и инфраструктурни инвестиции, општината испраќа порака дека визијата за Скопје е град во кој зеленилото, мобилноста и квалитетот на живот одат рака под рака.
„Со овие проекти, градиме град по мерка на човекот“, напиша Ѓоргиевски на својот фејсбук профил, додавајќи дека секоја иницијатива има за цел повеќе простор за луѓето и помалку за бетон.