
Зоолошката градина Скопје известува дека на седумгодишна возраст угина гибонката Софи.
Софи пред 12 дена пројави симптоми на малаксаност и отежнатост во движењето при што од страна на стручен ветеринарен тим беше веднаш реагирано и започна со примање на терапија и направени беа лабараториски дијагностики. Нејзината состојба беше секојдневно следена и очекувавме подобрување, но во неделата ситуацијата одеднаш се влоши и иако нашиот тим направил се во моментот за реанимирање, за жал таа не издржа. Денеска ги добивме и наодите од Факултетот за ветеринарна медицина по направените испитувања околу причините за угинувањето каде што се вели дека Софи од видот белорак гибон била позитивна на Mycobacterium tuberculosis complex (MTBC) според направена PCR метода на Институтот за ветеринарна медицина. По добиените резултати,веднаш е известена Агенцијата за храна и ветерина и од наша страна се превземени мерки за дезинфекција и поставување дез бариери. Живеалиштето на гибоните е изолирано од други животни, а ќе бидат направени и дополнитени испитувања на останатите единки од групата, објавија од Зоо Скопје.
Од таму додаваат дека вакви случаеви на заболување кај животни се појавуваат во сите светски зоолошки и ова не е изолиран случај само од скопската зоолошка.
Софи беше чувана со многу љубов, постојано весела и една од најактивните гибони, движејќи се секојдневно по дрвјата на езерцето. И за нас вработените, нејзиното заминување е шок, направивме се што можевме, но како и кај луѓето понекогаш болеста не може да се спречи, стои во објавата.