
– Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова денеска најави зелен кеј, модерни вело рути и безбедни јавни простори во Ѓорче Петров.
-Кејот во Ѓорче Петров, требаше да биде симбол на урбано зеленило и активен живот. Жителите на Ѓорче Петров заслужуваат многу повеќе од кал, трње и лажни ветувања. Се сеќавате што ветија? Зелен спортски кеј, 40 километри вело и еко коридори. А што добија жителите, ниту спорт, ниту зеленило, само запуштен простор и уште едно разочарување. Ѓорче Петров е оставена општина, како да не е дел од Скопје, истакна Шукова во изјава за медиумите.
Таа го посочи конкретниот потег од Влае до Хром, долг само еден и пол километар, како вистинска слика за, како што потенцира, неработењето и игнорирањето на основните потреби на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, тоа не е само урбанистички, туку и политички пропуст, симбол на нефункционален град.
Шукова најави проект за целосно уредување на овој простор. Планирана е, како што нагласи таа, современа, безбедна и зелена пешачко-велосипедска патека која ќе стане дел од континуирана, урбана врска помеѓу Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром и Гази Баба, вистинска зелена оска низ срцето на градот.
-Во фокусот е создавање на простор којшто не служи само за транзит, туку за живот. Решенијата опфаќаат уредено корито, ново зеленило, јавни простори достапни за сите генерации и нов урбан пулс којшто ја враќа довербата на граѓаните во можноста за уреден, функционален и здрав град, рече таа.
Шукова најави дека Ѓорче Петров нема да биде третирано како периферија, туку, како што рече, како точка од која започнува вистинското поврзување.
-Имаме план, имаме решение, знаеме како. Нема повеќе празни ветувања ова е почетокот на ново, поврзано, зелено и живо Скопје, истакна кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова