
Од свежо суши и такоси, преку сочни бургери, гиро, пица, фокача и традиционални ќебапи, па сè до палачинки и омилени десерти – богата палета вкусови ќе биде собрана на едно место.
Вакво гастрономско доживување носи второто издание на „АЕРО Стрит фуд фестивал“ (AERO Street Food Festival), кое од 4 до 8 септември ќе се одржува во паркот „Авионче“.

Самото име „АЕРО“ го отсликува гастрономскиот концепт на фестивалот и обединува четири различни кујни: А – американска, Е – европска, Р – регионална и О – ориентална. Ваквата разновидност носи богато и вкусно мени наменето за сите генерации, а гастрономското доживување ќе биде дополнето со урбана музика, настапи во живо и забавни активности за посетителите.

Учесници годинава се: „Бургерслат“, „Мустакос“, „Лорас суши“, „Фет кичен“, „Џоџо’с ББКју“, „Ољо’с“ „Ноа Гирадико“, „Скуп“, „Бистро 64“, „Смеш бургер“, „Сорел“, „11: Илевен“, „Сутлијаш бар“, „15 за 12“, „Трансилваниско трдло“, „Пица вајс сити“, „Дестан“, „Милки“, „Свит лук“ и „Жешко компирче“.

Идејата е секој посетител да пронајде нешто по свој вкус, да сподели различни порции со друштвото и да открие нови градски вкусови. По завршувањето на летните одмори, фестивалот е одлична можност пријателите повторно да се соберат, да се дружат и да уживаат во пријатна атмосфера што ги поврзува помладите и повозрасните генерации.

За добрата енергија во текот на сите пет вечери ќе се погрижат домашни бендови и диџеи. На сцената ќе настапат „Саут парк“, „Рингтоунс“, „Допамин“, „Марбел“ и „Акустик дивиѓн“, а за забавата пред и по концертите ќе бидат задолжени Милан Серафимов, Александар Јорданов, „Јанко петел јаваше“, ДЏ Марко, ДЏ Васо, ДЏ Ризински, диџеите од „Флуере“, ДЏ Гардијан, ДЏ Фичо и „Шур Шортс“.

Покрај храната и музиката, секоја вечер ќе биде исполнета и со забавни содржини натпревари во брзо јадење, квизови и предизвици со публиката, под водство на Бомбакис.
Влезот на фестивалот е бесплатен и ќе биде отворен секој ден од 17:30 до 00:30 часот. Настанот е спонзориран од Општина Аеродром и е под покровителство на Град Скопје, а зад организацијата стојат „Лајонс ин мув“ и Кафе „Мамбо“.

Пет вечери, 20 различни вкусови и една голема маалска трпеза на отворено. Се гледаме од 4 до 8 септември во паркот „Авионче“ – бидејќи финалето секогаш се игра во Аеродром!, велат организаторите.

Македонски


