
Поставуваме сериозни, јавни и суштински прашања кои бараат итен и транспарентен одговор од градоначалникот на Општина Карпош во заминување Стевче Јакимовски, праша денеска Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Прашања кои не се само политички, туку морални, и институционални по својата природа, бидејќи се однесуваат на довербата што граѓаните ја дале, а која очигледно е злоупотребена.
Како е возможно, за период од една календарска година, градоначалникот Јакимовски да се најде во ситуација каде со неговото семејство стануваат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, во местото Жданец, токму таму каде што и тој лично живее? Јавноста има право да знае од каде и со кои финансиски средства се обезбедени ваквите имоти во најскапата урбана зона на Скопје.

Како е можно парцели кои, според претходниот Детален урбанистички план, биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски магично да станат градежно земјиште, и тоа со урбанистичка маркица која веќе е уцртана во планот? Дали за овие парцели, кои од зеленило станале градежно земјиште, е поднесено барање за техничка градежна документација? Доколку да, кој го поднел тоа барање, кога, и до каде е постапката?
Дополнително, прашуваме дали е вистина дека во изминатата година, покрај домашните парцели, семејството Јакимовски се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција?
Време е прашањата да добијат одговори.
Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес и како се успева да се заработи толку за купување на сите овие недвижности што се напоменати претходно?

Македонски








