
Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори, се обрати од денешниот народен митинг, кој се одржа во општина Ѓорче Петров, во рамки на изборната кампања чиј слоган е „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
,,Во Ѓорче Петров, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи како никогаш до сега. Ви благодарам однапред за вашата поддршка, за вашата посветеност, Скопје да го направиме градот кој повторно ќе биде нашата гордост. Ѓорче Петров да продолжи успешно да се развива како и до сега со Александар, но од после изборите и градот Скопје да заличи на едно убаво и пристојно место за живеење, за сите нас скопјани. По изборите секој еден од вас кој сега е мојот глас до граѓаните ќе оди гордо по ѓорчевските улици“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски потенцираше дека ќе го даде својот максимум, како градоначалник на Град Скопје, и како што вели тој, важно е да се гледа на предизвиците како решенија на перспектива.
,,Скопје, почитувани, нема повеќе време за изговори. Скопје повеќе нема време за експерименти. На Скопје му треба докажана работа. На Скопје ќе треба да го дадеме својот максимум, со љубов и да гледаме на предизвиците како решенија на перспектива“, кажа Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски им порача на опонентите, дека Скопје нема време за втори шанси.
,,Сакам само кратко да им порачам на нашите опоненти, јасно и гласно. Скопје нема време за театар, нема време за неуспешни обиди и нема време за втори шанси“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој претстави дел од проектите, кои ќе ги реализира како иден градоначалник на Град Скопје, и кои ќе го променат животот на скопјани.
,,Нема да дозволам, вашето Ѓорче Петров да тоне во ѓубре. Тоа повеќе нема да биде случај како што имаме проблем во моментов. Нашето Скопје, но и Ѓорче Петров мора да бидат чисти. Мојата прва акција како градоначалник на главниот град ќе биде генералка на главниот град. Масовна акција во која што за 72 часа ќе си го исчистиме нашиот главен град“, истакна Ѓорѓиевски и додаде:
,,Веднаш потоа ќе следува 4 годишната програма, град без депонии со која моменталните диви депонии ќе станат минато зад нас. Сакам да најавам и за новиот резервоар за слаб притисок на водоводот во Ѓорче Петров. Во Ѓорче Петров, каде граѓаните со години се соочуваат со слаб притисок и со несигурност со водоснабдувањето ќе изградиме нов резервоар и пумпна станица на оризарски рид. Ќе обезбедиме стабилен притисок и сигурна вода која што ќе им служи на генерациите после нас“.
Ѓорѓиевски посочи дека не бега од проблемите, туку има решенија за истите.
,,Ние не бегаме од проблемите ние ќе ги решаваме. Оваа битка не е само битка за поубави и почисти улици и паркови, ова е битка за душата на нашиот главен град. Битка за иднината на нашите деца да растат во метропола со европски вредности, но со македонски печат пред се“, заклучи Ѓорѓиевски.