
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека градските гробишта мора да бидат места на спомен, почит и тишина, а не на неред и запуштеност.
„Секој од нас има таму некој близок и затоа непријатни глетки и депонии не смеат да се дозволат“, изјави Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека достоинството на починатите и на нивните семејства мора да се почитува.
Градоначалникот информира дека пред неколку дена била отстранета голема депонија на паркингот кај градските гробишта, а управата поставила заштитна ограда со цел да се спречат нови загадувања и несовесно фрлање отпад.
„Ќе продолжиме посветено да се грижиме“, додаде Ѓорѓиевски, најавувајќи континуирани активности за одржување на чистота, ред и уредност на сите локации под надлежност на ЈП „Градски гробишта“.

Македонски








