Skip to main content

Димитровски: Занаетчиството е идентитетот на Скопје и заслужува иднина

Носителот на листата на советници за Советот на Град Скопје, проф. д-р Даме Димитровски заедно со носителот на советничката листа во Чаир, Никола Трајановски денес оствари средба со претставниците на Занаетчиската комора на Скопје.

На средбата се разговараше за подготовката на Стратегијата за развој на занаетчиството 2025–2029 и усогласување на заеднички план за работа, со цел обезбедување системска поддршка и долгорочна одржливост на занаетчискиот сектор. Соговорниците ја нагласија потребата од посилна соработка со средните стручни училишта и организирање промотивни кампањи.

Дополнително, се отвори дискусија за мерки што ќе овозможат младите занаетчии да изградат сопствени и препознатливи брендови.

„Занаетчиството не е само економска гранка – тоа е суштински дел од културниот и историскиот идентитет на Скопје. Нашата обврска е да го заштитиме, да го поддржиме и да му обезбедиме иднина,“ нагласи проф. д-р Димитровски.

Во оваа година Занаетчиската комора одбележува 93 години од своето формирање, што претставува силен доказ за нејзината улога во зачувувањето на традицијата и автентичните скопски занаети. Меѓу нив особено место зазема филигранот, кој е спој на уметност, традиција и занаетчиска умешност.

Посетата беше збогатена и со разговори со мајстори кои се симбол на упорноста и традицијата. Последниот скопски шапкар и денес шие на стара „Сингер“ машина, исклучиво со природни материјали, создавајќи уникатни производи. Во неговиот дуќан посебно место зазема и столот подарен од Вселенскиот патријарх од Цариград. Тој е жив доказ дека занаетчиството има иднина, но и дека потребна е силна институционална поддршка за младите да останат во Чаршијата.

Старата скопска чаршија е трета по големина на Балканот и трипати поголема од сараевската.

Како иден советник во Советот на Град Скопје, проф. д-р Димитровски најави дека ќе се залага за конкретни програми и одлуки за финансиска поддршка на занаетчиите, обезбедување буџетски средства за културни и економски активности во Чаршијата, мониторинг на стратегијата за културна и туристичка ревитализација, како и за вклучување на меѓународни партнери со цел дополнителни ресурси и поддршка.

Поврзани вести