
Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, оцени дека случајот со загадената вода во Гостивар е уште еден доказ дека институциите не функционираат и побара одговорност од Владата, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и останатите надлежни институции. Според него, институциите реагирале задоцнето, а јавноста сè уште немала одговори на клучните прашања.
Но, анализата на досега познатите факти покажува дека одговорноста во овој случај не може да се бара пред се и само кај централните институции.
Најсериозните сомнежи, според досегашната истрага на Јавното обвинителство, се насочени кон лицата кои управувале со водоснабдителниот систем во Гостивар. Обвинителството веќе отвори постапка против директорот и уште две лица од јавното комунално претпријатие под сомнение дека преку поставени пумпи отпадна вода навлегувала во системот за водоснабдување, што довело до енормно зголемена концентрација на колиформни бактерии.
Токму затоа, најголемото прашање е како е дозволено вакво загадување воопшто да се случи.

Покрај кривичната одговорност која ја утврдува обвинителството, остануваат и прашањата за институционалното постапување. Центарот за јавно здравје треба да објасни како анализите непосредно пред појавата на масовните заболувања покажале исправна вода, дали мострите биле земени на репрезентативни места и дали постоела можност загадувањето да не биде навреме детектирано.
Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и останатите здравствени институции, пак, ќе треба да дадат одговор дали реагирале веднаш по првите пријавени случаи и дали можело порано да се преземат мерки за заштита на населението.
Сепак, во изјавата на Спасовски речиси целосно изостанува осврт на улогата на локалната власт. Гостивар е општина со градоначалник од ДУИ, а токму локалната самоуправа и јавното комунално претпријатие се директно одговорни за функционирањето на водоснабдителниот систем. Иако Спасовски формално изјави дека одговорност треба да има „од централно до локално ниво“, неговата критика беше насочена речиси исклучиво кон Владата и централните институции, без конкретно да ја спомене одговорноста на локалното раководство или на функционерите на ДУИ кои управуваат со општината.
Токму тука се отвора дилемата дали политичката критика е целосна ако ја изоставува институцијата во чија надлежност е одржувањето на водоводната мрежа. Фактите засега покажуваат дека случајот има повеќе нивоа на можна одговорност. Најтешката, доколку се потврдат наводите на обвинителството, е кај оние кои управувале со водоснабдителниот систем и дозволиле загадување на водата. Паралелно, здравствените институции ќе треба да објаснат дали можеле порано да ја откријат опасноста и побрзо да реагираат.
Оттаму, целосното утврдување на одговорноста не може да заврши само со политички обвинувања кон Владата, ниту само со кривична постапка против неколку лица. Одговорите ќе треба да покажат дали пропустите биле локални или централни. Доколку обвинителската верзија се покаже точна, тежиштето на одговорноста ќе биде кај локалното комунално претпријатие и лицата што управувале со водоводниот систем, бидејќи токму таму, според досегашните сознанија, настанал изворот на загадувањето. Одговорноста на здравствените институции и на централната власт би се однесувала главно на брзината на откривање, координацијата и реакцијата, а не на самото создавање на загадувањето.

Македонски


