Skip to main content

ЗЕЛС со клучна одлука: Ќе формира кризен противпожарен штаб

На редовна седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, се разговараше за актуелните предизвици со кои се соочуваат општините, но и беа донесени важни одлуки во интерес на граѓаните и локалната самоуправа.

Една од клучните одлуки е формирањето на кризен противпожарен штаб при ЗЕЛС, со цел подобра, побрза и поефикасна координација меѓу единиците на локалната самоуправа при евентуални пожари во текот на летниот период, во соработка со централните органи. Безбедноста на граѓаните, заштитата на имотот и навремената реакција мора да бидат наш заеднички приоритет. Токму затоа, преку ЗЕЛС ја зајакнуваме меѓуопштинската соработка и градиме систем кој ќе може да одговори координирано, одговорно и ефикасно во моменти кога тоа е најпотребно, информираше првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

На седницата присуствуваше и новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, со кого разговарале за можностите за основање локални енергетски претпријатија.

Ова е важен чекор кон енергетска независност на општините. Преку користење на електричната енергија произведена од соларни панели и нејзино пласирање на пазарот, општините ќе можат да обезбедат дополнителни приходи, кои потоа ќе се насочат кон проекти, услуги и подобри услови за живот на граѓаните. ЗЕЛС останува силен партнер на општините и простор каде се носат решенија што значат поголема стабилност, подобра координација и посигурна иднина за сите граѓани. Целта е да имаме посилни општини, поефикасни институции и подобар живот за граѓаните. Продолжуваме во силно темпо, за доброто на сите граѓани на Република Македонија, рече Ѓорѓиевски.

Поврзани вести