
Иако не беше постигнат договор со нискобуџетската авиокомпанија „Рајанер“, Владата продолжува со отворање нови авиолинии и проширување на мрежата на летови од македонските аеродроми – потенцира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој најави 5 нови дестинации ова лето.
Николоски истакна дека државата останува отворена за соработка со сите авиокомпании, но нема да прифати условувања, кои би биле на штета на другите авиопревозници и на државните интереси.
Даваме субвенција од 9 евра за секој странски патник што пристигнува на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот. Ако сакаат да учествуваат, вратата е отворена. Но не можеме да прифатиме уцени, укинување други линии во нивна корист и субвенции што би биле два и пол пати повисоки само за една компанија – рече Николоски во гостување на ТВ „Сител“.
Вицепремиерот откри дека во моментот се водат разговори со други заинтересирани авиокомпании додавајќи дека Македонија е единствената земја во регионот што отвора нови авиолинии во период кога светската авиоиндустрија се соочува со сериозна криза.
Ние сме единствена земја во целиот регион што отвара нови авиолинии и во следниот период ќе има 5 нови, и тоа: „Аустрија ерлајнс“ ќе лета директно Виена – Охрид, во јуни почнуваат две дестинации од Краков и Вроцлав во Полска до Охрид, а во текот на јуни почнуваат и две одлични летни дестинации од скопскиот аеродром, едната е Палермо – Сицилија, а втората е Алгеро – Сардинија, така што отвораме 5 нови рути во најголемата криза што ѝ се случила на авиоиндустријата кога било видена – изјави Николоски.
Министерот информира и дека „Визер“ ќе стационира седми авион на скопскиот аеродром, а компанијата веќе размислува и за воспоставување база на охридскиот аеродром.
Во однос на резервите со керозин, тој исткана дека имаме резерви од кериозн и над законскиот минимум, други аеродроми се снабдуваат кај нас, што подразбира дека состојбата е стабилна.

Македонски


