Skip to main content

„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“ – Сиљановска-Давкова во работна посета на Ресен

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска е во работна посета на Општина Ресен. Во рамки на посетата, таа оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните на Ресен.

Тие ја запознаа со локалните проблеми, а особено беше нагласено прашањето за миграцијата и одливот на младите од Ресен и Преспанскиот регион. Се акцентираше и важноста на проектот „ЕУ за Преспа“, преку кој се вложуваат значителни средства за развој на Ресен, една од општините којашто има најголем бенефит од европските фондови.

Во непосредниот разговор со граѓаните, Сиљановска-Давкова ги сослуша забелешките и предлозите за секојдневните економски, инфраструктурни и социјални прашања, потенцирајќи дека активниот дијалог со граѓаните претставува темел на одговорното и транспарентно владеење.

Претседателката ќе посети и неколку културни институции, како и производствениот погон Свисслион Агроплод – Ресен. Со тоа се нагласува значењето на културната традиција и поттикнувањето на економската активност како двигател на локалниот развој.

Попладневниот дел е посветен на дебата со претставници на невладини организации, на локални и национални институции, со фокус на еколошките предизвици и зачувувањето на Преспанското Езеро како природно и национално богатство.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателката дадена по дел од средбите во Ресен.

Се разбира дека Ресен од многу причини, многу почесто треба, не само претседателите, туку и сите да го посетуваат. Не само заради убавината, не само заради историјата, не само заради соживотот, не само заради езерото, не само заради ретките птици, не само заради сарајот, не само заради Татарчев, не само заради Наде Проева. Мило ми е што сум овде, се разбира, зошто си ја почнав мојата таканаречена турнеја од Ресен? Неслучајно бидејќи основната причина беше грижата за Преспанското Езеро. Се разбира, јас добив темелни податоци, меѓу кои и оној дека не е основната причина во енормното и неконтролираното користење на водата, туку во понирањето, односно во природата и дека во историјата сме имале и друг пат вакви ситуации. Но, од разговорот со градоначалникот, разбрав дека – да, овој град има иднина, само што има потреба од поголема поддршка. Проектот ЕУ за Преспа, навистина е не само инспиративен, туку и темелен проект, како да се активира или да се реактивира туризмот, земјоделието, економијата, справувањето со депониите и навистина некои од решенијава, мислам дека се за прв пат применети и во иднина може да бидат модел. Што друго треба да се направи? – Да, треба во поглед на културниот развој, па и во поглед на економскиот развој, па и околу да речеме медицинскиот туризам, како што велат тие, стратешки да се пристапи. Охрид е тука, Ресен е овде, езерата се тука, ние мораме навистина да изградиме стратегија со која младите ќе останат овде. За среќа, вештачката интелигенција и дигитализацијата, овозможуваат овде да живеете, а да работите на друго место, но за тоа треба еден исчекор.

Поврзани вести