Skip to main content

За шест отсто се зголемил бројот на патници на двата аеродроми

Двата македонски аеродроми Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид во првите девет месеци опслужиле вкупно 2 585 096 патници што е зголемување од шест отсто во однос на истиот период минатата година. Бројот на летови, пак, во истиот временски период е зголемен за три отсто, односно двата аеродроми опслужиле 20 141 летови од почетокот на годината до септември.

Како што информира денеска ТАВ Аеродроми, за овој позитивен тренд на раст на бројките за овие девет месеци во голема мера влијаеа новоотворените осум линии од двата ародрома на почетокот на годинава, во соработка со авикомпаниите и Владата.

– Во првите девет месеци од годината ТАВ Македонија го одржа позитивниот тренд на раст и стабилност, со што уште еднаш ја потврдивме успешноста на нашата долгорочна стратегија. Овие резултати не се случајни, тие се резултат на внимателно планирање и континуирана посветеност кон подобрување на услугите на двата македонски аеродроми. Убеден сум дека стабилниот раст ќе продолжи и до крајот на годината затоа што во наредниот период ќе стартуваат седум нови авио-поврзувања на земјава преку авиокомпанијата Виз ер и тоа од Скопје до Бари и Стокхолм, преку летовите кои ќе почнат на 27 октомври, а истиот ден ќе започне и авиорутата од Охрид до Базел. Ден подоцна, на 28 октомври главниот град се поврзува со Мадрид и Ларнака, а од 15 декември и со Прага и Келн. Дополнително, од 3 ноември Easyјet повторно ќе го поврзе Скопје со Женева, се вели во пишаната изјава на генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт. 

Тој очекува голем број патници поради новите летови кои веќе се најавени за идната година, како од Скопје до Будимпешта и до Неапол кои ќе почнат од 30 март 2026 година и од Охрид до Милано на 30 март, Вроцлав на 7 јуни и Катовице од 8 јуни.

– Оттука, сакам да посочам дека и во наредниот период ТАВ Македонија ќе продолжи да работи во насока на отворање на нови авиолинии и влез на нови авио-компании и на уште подобра поврзаност на Македонија со светот, вели генералниот директор на ТАВ Македонија.

Поврзани вести