
Во текот на оваа недела на Меѓународниот аеродром Скопје се случија два одделни инцидента со авиони кои удриле во јато птици.
Во средата, околу 18 часот, авион „Ербас А320-232“ на „Визер“, на лет од Скопје кон Базел, веднаш по полетувањето се вратил и безбедно слетал откако удрил во јато. Најверојатно поголема птица предизвикала вибрации на еден од моторите поради искривување на перките. Иако двата мотора работеле, капетанот, следејќи безбедносни процедури, одлучил од претпазливост да го врати авионот. Патниците излегле без прогласување вонредна состојба, а леталото останало приземјено.
Неколку дена подоцна, на утринскиот лет за Виена, авион на „Аустриан ерлајнс“ од истиот тип имал блиска средба со јато птици. Инцидентот се случил околу 4:30 часот, по што екипажот го прекинал полетувањето додека авионот бил на пистата. Летот продолжил со четиричасовно задоцнување.
Службите на концесионерот ТАВ користат воздушни топови за оддалечување на птиците, но е забележано нивно зголемено присуство и адаптација на мерките. Според Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), 90% од судирите со птици се случуваат во близина на аеродроми, најчесто при полетување или слетување. Иако моторите се дизајнирани да издржат удар од помали птици, судир со поголема птица или јато може да предизвика сериозни оштетувања.