
Бесплатна градинка за 60 деца и бесплатен оброк за учениците до петто одделение се два од најважните проекти реализирани за време на четиригодишниот мандат на градоначалникот на општина Градско, Кире Нацков, градоначалник на општина Градско на денешната трибина насловена „Четири години работа за тебе“ во рамките на денешниот настан Саем-Отчет за сработеното во мандатот на градоначалниците, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ коешто МИА го пренесува интегрално.
„Уште од почеток на мандатот имавме концепт дека најмногу треба да вложиме кај најмладите. Уште во првите 100 дена направивме бесплатна градинка за сите деца во општина Градско, а во првата година воведовме бесплатен оброк за секое дете од прво до петто одделение. За прв пат почнавме да стипендираме ученици од основно, средно училиште и студенти, воведовме и помош за новороденче“, рече Нацков.
Тој истакна дека со помош на Владата преку јавните повици за проекти на општините ќе се прошируваат капацитети на училиштето при што ќе се создадат услови и ќе се воведе едносменска настава.
Во рамките на трибината се обрати и градоначалникот на општина Неготино, којшто истакна дека она што може првенствено да се пофали е тоа што Неготино веќе може да заборави на рестрикциите на вода коишто беа 6-7, а понекогаш и 8 часа во текот на едно деноноќие.
Сега, вели Стојанов, можеме да кажеме дека во општина Неготино сега веќе има и прилив на вода во некои моменти.
Тој посочи дека овој децениски проблем се реши благодарение на посветената работа и залагањето на локалната самоуправа и на вработените во ЈП Комуналец.
„Морам да напомнам дека се стави во функција и катодната заштита на водоводната мрежа од околу осум километри, а секако мораме да напомениме и дека веќе во завршна фаза се и ставање на два извори или бунари кои се со капацитет од четири и пол литри. Така што со овие 9 литри ќе биде решен проблемот со водоснабдувањето во општината“, рече Стојанов.
Посочи дека после долги години ветување од разни градоначалници, во Неготино веќе е изграден затворен пазар, со површина од два пати по 220 квадрати кој ќе биде голем бенефит за неготинчани.