
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека поранешниот судија на Врховниот суд, Ристо Катевеновски, бил разрешен од функцијата затоа што, како што велат, не ги исполнил нарачките на Зоран Заев, СДСМ и ДУИ за политички прогон на поранешни функционери на партијата.
Според соопштението, „пред очите на јавноста секојдневно излегуваат сведоштва за злоупотреба на институциите, притисоци и уцени“ во периодот на владеење на СДСМ и ДУИ.
Од партијата обвинуваат дека тој период бил одбележан со, како што наведуваат, политички монтирани случаи спроведувани преку обвинителството на Вилма Русковска и судството поврзано со Добрила Кацарска, кои, според нив, постапувале по политички наредби.
Во соопштението се тврди и дека судии и обвинители „избрани во Зајас и Струмица“ носеле одлуки по нарачка на Заев и Али Ахмети, додека оние што одбивале да постапуваат на тој начин биле разрешувани.
Како аргумент, од ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на изјава на Катевеновски во која тој навел дека бил разрешен откако одбил да даде позитивно мислење за предмет поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
Според неговото тврдење, случајот во 2019 година го добил од поранешното Специјално јавно обвинителство, но, како што посочил, немало правна основа ниту елементи на кривично дело за да даде позитивно мислење.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека ваквите наводи сериозно ја доведуваат во прашање независноста на судството во периодот на владеење на СДСМ и ДУИ и укажуваат на, како што велат, системски притисоци врз носителите на правосудни функции.
Партијата смета дека се неопходни суштински реформи во правосудството за да се врати довербата на граѓаните, да се обезбеди владеење на правото и еднаквост пред законите.
„Во услови на сериозни обвинувања за политички притисоци и селективна правда, потребен е сеопфатен реформски процес. Одговорност мора да има“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонски



