
Коалицијата ВЛЕН јавно ја изрази својата, како што велат, најдлабока огорченост и го осуди однесувањето на ДУИ во Собранието, откако партијата одби да ја поддржи интерпелацијата за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Според нив Коцевски е симболот на партизираното правосудство и недовербата на граѓаните во системот.
Во момент кога според сите релевантни истражувања, правосудниот систем ужива доверба од само 2% од граѓаните, ДУИ одлучи да молчи и да ја поддржи оваа состојба, потврдувајќи дека е дел од проблемот, а не дел од решението.
Да потсетиме, Коцевски беше именуван токму со поддршка и гласови на ДУИ, која со години наназад гради и одржува политички контролиран правосуден систем. Преку свои влијанија, ДУИ има поставено луѓе во Уставниот суд и на клучни позиции во судството и обвинителството, создавајќи мрежа заштитена од корупција и организиран криминал.
Одбивањето да се преземе одговорност и да се направи рез со заробената правда не е случајност – тоа е дел од смислена стратегија за заштита на корумпираните, за прикривање на кривичните пријави и гарантирање неказнивост на политичките елити кои ја уништуваат државата.
„Времето на тишина заврши. Граѓаните бараат вистинска правда, не политички нарачана. Бараат систем што го штити чесниот, а не криминалецот со партиска заштита“, порачуваат од ВЛЕН, нагласувајќи дека се решени да го ослободат правосудството од партиските канџи и да го вратат во рацете на граѓаните.
Дојде времето на одговорност. Дојде времето на вистинска правда. Дојде времето на ВЛЕН – велат од ВЛЕН.
Собранието со 71 глас за изгласа интерпелација на Коцевски. Немаше ниту воздржани, ниту против. СДСМ и ДУИ не гласаа.