Skip to main content

Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во Гостивар

Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување 30-дневна кризна состојба на територијата на Општина Гостивар, со цел побрза координација на институциите и надминување на проблемите со водоснабдувањето.

Одлуката е донесена по предлог на Управувачкиот комитет, составен од повеќе министри и директори на надлежни институции, откако било оценето дека локалната самоуправа не може самостојно да се справи со настанатата состојба.

Како што соопшти Владата, кризната состојба треба да овозможи побрзо ставање во функција на водоснабдителниот систем и обезбедување безбедна вода за пиење за жителите на Гостивар во најкус можен рок.

Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува наш приоритет и целосно сме посветени на решавање на овој проблем, наведуваат од Владата.

Воедно, Владата очекува Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага за случајот и да ја утврди одговорноста на сите кои, како што наведуваат, го довеле во ризик здравјето и животите на граѓаните.

На истата седница, Владата го именува Златко Перински за вршител на должноста директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Перински е магистер по менаџмент на човечки ресурси, а во досегашната кариера беше министер за локална самоуправа, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и управител на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Поврзани вести