
Советот на Општина Маврово и Ростуше на денешната седница едногласно го усвои Буџетот за 2026 година, со вкупно проектирани приходи од 272.698.326 денари, што е поголем за 27.134.185 денари, споредено со годинaшниот.
Со седницата, со која раководеше претседателот на Советот, Елвир Пајкоски, а учествуваше и повереникот за надлежности на градоначалник Онер Јакупоски, беше оценето дека буџетот претставува јасен патоказ за насоката во која ќе се движи општината, а тоа е модернизација, економски напредок и инфраструктурна преродба.
Буџетот има исклучително развоен карактер, бидејќи најголем дел од средствата се наменети за реализација на бројни капитални проекти. Фокусот е ставен на патната инфраструктура, изработка на урбанистички планови, изградба на потпорни ѕидови, нови паркинг простори, подобрување на водоводните системи, јавното осветлување и други капитални проекти за сите населени места, вели за МИА, Фикрет Ибраими, советник за односи со јавноста.
Ибраими додава дека овој „најважен финансиски документ е креиран врз принципот на максимална одговорност и отчетност“.
Секој денар од парите на граѓаните е внимателно планиран за да донесе најголема корист за заедницата. Се става крај на непродуктивните трошоци, а приоритет се исклучиво потребите на жителите. При неговото креирање беа земени предвид барањата на месните заедници, со што се гарантира дека секое село и секое маало ќе почувствува реален напредок во 2026 година, нагласува тој.
Оценка на советниците е дека ова е развоен буџет кој ќе ја промени сликата на општината преку сериозни вложувања во инфраструктурата, а целта е Маврово и Ростуше да биде функционална средина каде квалитетот на живот ќе се подобрува секојдневно.

Македонски






