Skip to main content
Истрага за фалсификуваните возачки

Тошковски: На потег судството, да не носи одлуки како во минатото, па повторно да ни се јавуваат исти осомничени

Вкупно 27 лица опфати истрагата за фалсификувани возачки дозволи против кои е поднесена кривична пријава поради сомнение за незаконско внесување категории во возачките дозволи, нивно издавање и употреба, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа во интервју за МТВ нагласи дека сега на потег се Обвинителството и судот, кои, како што рече, се надева дека ќе донесе законита и праведна одлука, која превентивно ќе дејствува во иднина.

Оваа акција беше спроведена против 27 луѓе. Во согласност со информациите што ги имам, има добри искази од страна на некои од луѓето што се инволвирани во оваа постапка, некои од нив се чесни, совесни, рекоа дека учествувале во рамките на постапка на некакво преговарање и притоа мислам дека овој случај треба буквално да е за памет на сите оние што во иднина ќе се охрабрат да го прекршат законот. МВР има поставено систем, каде што се детектираат сите незаконски промени на одредени податоци, така што многу лесно може да се детектира ваков вид незаконитост, која е сторена од страна на полициските службеници. Да, можеби за тоа ќе треба време за да се истражи, можеби ќе треба соодветна посветеност на вработените од Одделот за внатрешна контрола, но покажавме и во овој случај, како и во сите други, дека секаде каде што ќе детектираме незаконито поведение, соодветно ќе реагираме. Сега топката е во рацете на Обвинителството и судот, особено судот. Така што, се надевам дека ќе донесе законита, праведна и правична одлука, која превентивно ќе дејствува во иднина на сите оние што евентуално би се охрабриле да направат каков било прекршок поврзан со ваков тип на овластување и законски надлежности – изјави министерот.

Против 27 лица, меѓу кои и вработена во Министерството за внатрешни работи, беше поднесена кривична пријава поради сомнение за незаконско внесување категории во возачките дозволи, нивно издавање и употреба. Пријавата е поднесена до скопското Јавно обвинителство од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.

Истрагата открила злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи, при што преку незаконски измени во електронскиот систем биле внесувани категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. Потоа биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина, соопшти викендов МВР.

Според МВР, вработената во Одделението за управни работи Скопје, во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ги својата службена шифра и овластувањата, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи. Во одредени случаи отфрлала веќе оформени барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои лицата не ги исполнувале условите.

По измените, барањата биле одобрувани и потоа биле издавани возачки дозволи со неточни податоци.

Тошковски рече дека осомничената вработена, која претходно исто така била вмешана во други фалсификувања, но со судска одлука е вратена на работа, во овој случај она што го сторила буквално е загрозување на животот на секој од нас. Додаде дека тој лично смета дека ова е страшно кривично дело од аспект на последиците што може да ги предизвика имајќи предвид дека госпоѓата за која има основано сомнение и докази, спротивно на законот, им овозможувала да добијат возачка за управување со автобус, тешки товарни возила… на лица што никогаш не положиле за соодветната категорија. 

Значи, госпоѓата со тоа што го сторила буквално му го загрозила животот на секого од нас затоа што му овозможила на некој што не поминал соодветна обука, не го положил испитот што требало да го положи, нема доказ навистина дека го научил она што требало да го научи, а притоа му дала во рака волан да управува автобус или камион од неколку тони и притоа му го загрозила животот буквално на секое едете што поминува улица – нагласи Тошкоски.

Тој изрази надеж дека судот ќе донесе праведна и законита одлука поради можните последници, што ваквото постапување понатаму може да ги има врз човечките животи. 

За ваков тип на кривични дела навистина сметам дека судот во иднина и тоа како треба да го стави прстот на главата, да не носи одлуки како во минатото, па повторно истите осомничени да ни се јавуваат во рамките на ваков тип на постапки, туку соодветно превентивно да дејствува во иднина со изречената одлука каква и да биде. Да не дејствува само против конкретното лице, туку и за сите други на кои ќе им падне на памет да сторат ваков тип на кривично дело никогаш да не го сторат. Односно, со запретената казна навистина секој во иднина двапати да размисли дали ќе го злоупотреби законот и со тоа ќе ги стави во ризик не само милион и осумстотини илјади македонски граѓани туку и сите други што живеат во Европа – рече Тошковски.

Поврзани вести

giyimbahsegelJojobetfanatikbetstarzbetcasibom