
Реализацијата на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија“ беше во фокусот на денешната средба меѓу министерот за правда Јетон Шасивари и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Томаш Бочек.
Како што соопшти Министерството за правда, на средбата бил разгледан текот на проектот што се реализира со заем од ЦЕБ во износ од 46 милиони евра, а чија цел е подобрување на условите во казнено-поправните установи согласно европските стандарди.
Проектот предвидува унапредување на условите за сместување, здравствена заштита, хигиена, како и обезбедување подобри услови за работа и слободни активности на осудените и притворените лица.
На средбата било посочено дека активностите во текот на 2026 година се одвиваат според предвидената динамика. Во јули годинава бил склучен договор за стручен надзор над изградбата, додека постапката за избор на изведувач за реализација на градежните активности е во тек.
Од Министерството за правда нагласуваат дека остануваат посветени на модернизацијата на системот за извршување на санкциите и создавање услови во казнено-поправните установи усогласени со европските стандарди.

Македонски


