
-Ве молам болката е преголема, се уште сите ја чувствуваме. Ве молам таа тема да ја оставиме на политичките глодари и лешинари, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, во Тетово и посочи дека сочувствува со болката на родителите и семејствата на загинатите млади луѓе во кочанската дискотека.
Јас сочувствувам со родителите. Ве молам да ја оставиме таа тема на тие луѓе што навистина чувствуваат голема болка, а не што сакаат ситни политички поени, да добиваат од тоа – изјави Мицкоски на новинарско прашање за барањето на родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани да се објават снимки од разговорот од средбата која се одржала на 7 јули во Владата.
Инаку, од Владата во неколку наврати посочуваат дека на средбата со семејствата се разговарало со највисока почит, разбирање и внимание за болката што ја носат родителите. Во целост ги отфрлаат и тврдењата дека постои видеоснимка од состанок или од било која друга средба во кабинетот на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.