Во пресрет на католичкиот празник Божик, Одделот за наследство на Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза при Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје (ИДКНА), денеска организираше свечена церемонија во чест на наследството на Мајка Тереза и Албанската католичка заедница во Скопје.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на свеченоста порача дека припадниците на Албанската католичка заедница во земјава со својата култура, традиции и занаети имаат дадено свој придонес во богатиот и разновиден културен мозаик како Албанци од Македонија.
Нашиот мултикултурен и мултирелигиски мозаик никогаш нема да биде целосен без присуството и заслуженото место на нашите браќа католици. Ова е наследство и доказ за нашето историско присуство и континуитет, а овој факт претствува единствена вредност со која ние како Албанци од Македонија треба да се гордееме. Затоа денеска сум тука да ги уверам сите присутни како вицепремиер дека Владата секогаш ќе биде партнер за решавање на прашањата што ја загрижуваат оваа заедница и преку проекти и афирмативни политики да го заштити и негува идентитетот на католичките Албанци во Македонија, како составен дел од нашиот идентитет како Албанци, порача Меџити и воедно ги поздрави проектите на Институтот за документирање на присуството, улогата и придонесот на албансаката католичка заедница која денес е симболично застапена.
Директорот на Институтот, Скендер Асани нагласи дека бројот на припадници на албанската католичка заедница за жал се повеќе се намалува во Скопје, а денешната свеченост е обид да се надополнат некои од недостатоците кои се одразуваат во духовниот живот на оваа заедница, како и скромен обид да го вратиме, вели, некогашниот сјај што го имаше оваа (божикната) прослава во Скопје.
Папата Франциск пред неколку години на свечена церемонија по повод Божик укажа дека „во ноќта на љубовта спроти Божик, треба да имаме само еден страв – да не ја навредиме Божјата љубов, да не ги повредиме сиромашните со нашата рамнодушност“. Повикувајќи се на овие зборови денес можеме да ја изразиме истата загриженост дека светот ја навредува Божјата љубов со тоа што останува рамнодушен кон дестабилизирачките напори што се појавуваат во различни делови на земјината топка каде Блискиот Исток и Украина засега се најактивните жаришта на оваа дестабилизација. Празникот како Божик може да биде причина повеќе не само за моментален прекин на огнот туку и за суштинско размислување за хаотичната ситуација низ која поминува човештвото денес во духот на зборовите на Мајка Тереза: Ние немаме потреба од пушки и бомби за да донесеме мир во светот“. Нам ни треба љубов и сочувство. Сите ние заслужуваме достоинствена иднина за што е потребно поголемо разбирање и интеракција меѓу луѓето, рече Асани посакувајќи среќен Божик.
На свеченоста присуствуваа претставници на заедницата на католиците Албанци од земјава, ИВЗ, дипломатскиот кор и други гости, а беше изведена и пригодна културна програма.