
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека затворањето на постмониторинг дијалогот на Македонија со Парламентарно собрание на Советот на Европа претставува историски момент за државата.
„Ова е историски ден, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека со оваа одлука Македонија повеќе не е предмет на постмониторинг од страна на Советот на Европа.
Тој посочи дека, за разлика од Македонија, земји кои често се сметаат за фронтранери во регионот, како Црна Гора и Албанија, сè уште се под мониторинг или постмониторинг, додавајќи дека и Бугарија излезе од постмониторинг дури пред неколку месеци.
Според премиерот, оваа одлука претставува силно меѓународно признание за квалитетот на демократијата, владеењето на правото и слободата на говорот во земјава.
„Ова е најголемиот демант за сите тврдења дека Владата влијае врз слободата на говорот. Одлуката што доаѓа директно од Стразбур е јасна потврда за квалитетот на демократијата и слободата на медиумите во Македонија“, нагласи Мицкоски.
Тој оцени дека оваа одлука е уште една позитивна вест за државата, заедно со, како што рече, признавањето од страна на Европската Унија на проблемите со друмските превозници и транспортерите.
„Сите невистини и лаги кои изминатиов период ги пласираше опозицијата полека се распрснуваат како меур од сапуница“, изјави премиерот, додавајќи дека во наредниот период очекува уште позитивни вести за земјата.
Мицкоски повтори дека нема посилен демант од оној што доаѓа директно од Советот на Европа, кој, како што истакна, ја оценил Македонија како зрело демократско општество со функционално владеење на правото и почитување на слободата на говорот, за разлика од останатите земји од Западен Балкан кои и понатаму се под мониторинг.
Инаку, на јануарската сесија на ПССЕ, беше изгласана резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија. Во македонската делегација учествуваа пратениците Иванка Василевска како заменик-шеф, како и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Резолуцијата, подготвена од известителите Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О’Рајли од Ирска, ја признава одржливата демократска трансформација на Македонија, напредокот во владеењето на правото, заштитата на човековите права и активната соработка со телата на Советот на Европа. Со ова, ПССЕ одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот отворен во 2000 година и да продолжи со следење преку редовниот механизам за периодичен преглед.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оцени дека одлуката претставува значајно институционално признание за напредокот на државата и јасна потврда за посветеноста кон европските демократски стандарди.
„Ова е недвосмислена потврда за професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности“, порача Муцунски.

Македонски



