
По претходен договор со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, разрешен сум од позицијата директор на Центарот за управување со кризи. Од денес (вторник, 27 мај 2025 година), сум в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), објави Стојанче Ангелов.
Според него Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија.
Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите. Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност.
Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување.
Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин.
Постојат и други недостатоци и слабости за кои во следниот период јавноста дополнително ќе биде информирана, најави Ангелов.
За негон позитивно е тоа што внатре во Дирекцијата работат и одреден број на соодветно образовани, способни и искусни лица, но, за жал, некои од нив не се наоѓаат на вистинските работни места.
Заедно со вработените кои ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обидеме да ги надминеме детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција.
Како директор, ќе можам детално одвнатре да ја разгледам Дирекцијата за заштита и спасување, внимателно да го проучам човечкиот и техничкиот потенцијал и дополнително да ги детектирам многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција која ќе ги обедини функциите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување во една институција, на чие формирање забрзано се работи, како стратешка заложба на Владата за воспоставување на современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО, пишува Ангелов.