
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, на која, како што информира нејзиниот Кабинет, се разговараше за значењето на истражувањето, заштитата и промоцијата на природните богатства како дел од националниот идентитет и наследство.
Спелеонуркачите ја запознаа претседателката со спецификите на активноста, со развојот на клубот и со нивните досегашни подводни истражувања, презентирајќи дел од својата импресивна видео-архива. Ја истакнаа плодната меѓународна соработка со врвни нуркачи и експерти, како значаен предуслов за постигнување значајни резултати. Особено внимание беше посветено на неодамнешната експедиција во пештерата Врело, каде полскиот нуркач Бартломиеј Питала ја доистражи до рекордни 287 метри, со што ова природно богатство се вбројува меѓу најдлабоките подводни пештери истражени од човек, не само во Европа, туку и на светско ниво.

Соговорниците се согласија дека Врело е едно од најуникатните природни богатства, а Сиљановска-Давкова укажа на потребата од негова соодветна заштита и промоција како ретка туристичка атракција.
Во разговорот беа отворени прашања поврзани со претстојните експедиции, при што спелеонуркачите посочија на предизвиците со кои се соочуваат, особено во однос на техничките претпоставки, сложената организација и потребата од континуирана институционална и финансиска поддршка.
Претседателката изрази восхит од нивната љубопитност, храброст и посветеност, оценувајќи дека тие не се само истражувачи на непознатите длабочини, туку и луѓе кои ги поместуваат границите на човечките можности. Според неа, ваквите успешни приказни заслужуваат поголемо внимание, афирмација и поддршка, како пример за истрајност, висока стручност и одговорен однос кон македонските бесценети природни богатства.

Македонски


