
Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остварил средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
Како што соопшти МНРиНТ, на средбата се разговарало за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување.
Соговорниците заеднички ги потврдија одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упати благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи, стои во соопштението на Министерството.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност, додаваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.