Skip to main content

Специјалисти од Клиниката за психијатрија им се на располагање на граѓаните на Кочани, има и засилено присуство на медицински тимови во градот

Специјалисти од Клиниката за психијатрија им се на располагање на граѓаните на Кочани, особено денеска, за време на погребот, кога беа закопани 31 од 59-те жртви од пожарот кој се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Од Министерството за здравство велат дека се во постојана комуникација со кочанската болница и ги става на располагање сите расположливи ресурси според потребите на локалното население, особено денес, за време на погребот.

Во соработка со Клиниката за психијатрија, испратени се специјалисти психијатри за поддршка на граѓаните во овие тешки моменти. Во соработка со здравствените установи и Црвен крст е организирано и засилено присуство на медицински тимови, кои се достапни во текот на денешниот ден, се вели во соопштението на МЗ.

Министерството за здравство останува во комуникација со сите засегнати страни, постојано ги следи потребите на локалното население и реагира соодветно на барањата на граѓаните.

Од МЗ апелираат за внимателно и етичко информирање во овие моменти на жалост, со емпатија, хуманост и солидарност.
Апел и за проверка на информациите со надлежните институции, бидејќи неточното информирање може да предизвика дополнителна вознемиреност.

Министерството за здравство повторно изразува благодарност до сите поединци и субјекти, како и здравствените работници од државава и странство што го даваат својот максимум за соодветно справување со овој предизвик.

Поврзани вести