Skip to main content

Врвен приоритет сега ни е поевтинување на основните производи, рече Мицкоски

Последите податоци од Еуростат според кои основната потрошувачка кошничка во државава е најевтина во Европа ги демантираат сите кои не сакаат државава да успее,  изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

Откако минатата недела имаше средби со претставници на ланците маркети, а најави разговори и со производителите и добавувачите со цел да се постигне поевтинување на основните производи по нивниот раст во изминатиот период  Мицкоски потенцираше дека цените на основните прехранбени производи за него се врвен приоритет.

Детално навлегуваме во оваа проблематика, лично јас се занимавам во идентификување на тие 600 производи коишто влегуваат во статистиката. И тоа го имам јас лично како врвен приоритет. Добро е што Еуростат излезе со параметар во којшто вели дека основната потрошувачка кошничка во Македонија е убедливо најевтина во Европа и е некаде отприлика 49,7 проценти од европскиот просек. Дали е тоа доволно? Не е. Но, тоа ги демантира сите оние кои не сакаат оваа држава да успее и кои не сакаат да ја видат Македонија горда и напредна и се практично сите оние зли јазици коишто создаваат лоша, тмурна атмосфера во општеството. И ваквите податоци, ваквите параметри ги демантираат тие антидржавни елементи во Македонија, изјави Мицкоски.

Тоа, оцени, не е доволно и треба да работиме и ќе работиме. – И јас лично, еве ви велам, работам на методологија на идентификување на тие 600-700 производи коишто статистички се мерат и директно на нив ќе одиме. Ако треба фактура по фактура, еден по еден производ ќе ги анализираме каде можеме да покачиме и како можеме да покачиме. Ова е темелна операција што лично ја водам и очекувам да има многу скоро резултати коишто ќе бидат видливи на терен – рече Мицкоски, по присуство на пуштање нова градинка во населбата Трубарево во општина Гази Баба.  

Мицкоски минатата недела по средбата со претставниците на најголемите  ланци маркети  соопшти дека е дефинирана цел годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи во јули годинава да биде под 3 проценти, а најави средба во таа насока и со производителите и дистрибутерите.

Во меѓувреме, како што најави Државниот пазарен инспекторат ќе прави споредбена анализа помеѓу цените на ист производ на добавувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој производ кон потрошувачите за мај годинава споредено со мај лани. Целта, вели Мицкоски, е да се види што е тоа што креира состојба да имаме зголемени цени на основните прехранбени производи.

Поврзани вести