Skip to main content
ЛИЧНОСТ НА НЕДЕЛАТА

Кога барем еден од нив заврши кај што му е место – на утринска

Една година влада на ВМРО-ДПМНЕ и некој месец плус со техничка и избори. Луѓе сме, толку ни требаше да заборавиме колку полошо ни било. Ама, од некаде ќе се појави клипче на кое ќе видиме некоја од тие темни гнасни души со кои патевме над седум години. Па, радоста што ги гледаме кај што припаѓаат – во заборав, ни прави устите да ни се развлечат во насмевка, како на пример:

Оливер Спасовски

на утринска!! Скролаш по Инста и наеднаш ти се појавува клипче од некогашниот прв човек на Министерството за внатрешни работи. Некогашен потпретседател на владејачка партија. Кратко дури и премиер. Човек со кој имавме несреќа да се замараме 10 години.

И ете го, меѓу Цеце и Милена, ѝ вели здраво на Македонија:

Веќе толку небитен што не го викаат ни на дебата со некој од редовните „експерти“ на „Само вистина“. Токму таму каде што треба да е. Да зборува за првото кафе.

Но, тоа не е причината што неделава е наша Личност. По осум месеци судење, во кое чувме толку гнасни нечовечни детали за последните моменти на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, неделава доживотен затвор добија нивните убијци.

Ама, Александар Ѓорчевски беше ослободен.

Колку и да сметавме дека поради семејствата, пред сè и најбитно, поради помладата сестра во фамилијата Ѓорчевски, судот требаше да го прифати барањето на Зорица тоа да биде затворено за јавноста, сепак, така добивме шанса да се увериме дека еден невин човек предвреме и без докази беше даден на јавен линч.

14-годишната Вања Ѓорчевска е киднапирана со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол. Убиецот ја убил исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започната истрага по пријавата. Таткото на Вања претходно му кажал на убиецот кога излегува ќерка му од дома.

Ова беше кажано на големата прес-конференција од страна на Спасовски, декември 2023 година, откако претходно во штуро полноќно соопштение за јавноста беше обелоденето дека 14-годишното девојче по кое трагаше цела Македонија е пронајдено мртво и дека тој случај е поврзан со исчезнувањето на велешкиот пензионер.

Александар им бил сомнителен што од почеток викал дека ќерка му е киднапирана.

Тоа е тоа. Тоа се доказите кои полицијата предводена од него ги имала и на тоа и останала. И тие и Обвинителството. Во осум месеци тоа е тоа што беше прикажано пред судот. Заедно со две три „признанија“ од убијците за кои сите категорично пред судот кажаа дека биле добиени со ќотек.

Ни еден друг физички доказ.

Можеби ги изнервирало што еден познат криминалец лесно стигал до снимки од самата полиција и повеќе од што самата полиција имала.

Не е веќе наше да судиме. За совеста на Спасовски, пак, тој самиот си знае како спие, не само поради овај случај, туку и за сè што ни приреди изминатите 10 години.

Уствари, барем знаеме дека не спие ко што треба. Како инаку би бил на утринска.

Поврзани вести