Skip to main content

Собранието ги донесе измените на Законот за заштита на децата

Собранието во попладневниот дел од 31-та седница го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата во трето читање, откако претходно беше изгласан последниот од шесте поднесени амандмани, од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

Без дискусија заврши општата расправа по Предлог законот за изменување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и Предлог-законот за изменување на Законот за еднакви можности на жените и мажите, двата во прво читање, со заклучок дека се прифатливи да се проследат во второ читање и во Комисијата за еднакви можности и Законодавно-правната комисија.

Собранието попладнево ги усвои Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2025 година, Предлог одлуката за давање согласност на Предлогот на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2025 година, во второ читање, Предлог-одлуката за давање согласност на Предлогот на Годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2025 година, во второо читање и за нивното гласање пратениците ќе бидат дополнително известени.

Дополнително ќе се гласа и за Финансискиот план за изменување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2024 година со дополнување и пренамена на средства, како и за Финансискиот план за изменување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2025 година со дополнување и пренамена на средства.

Во однос на Финансискиот план за МРТ за 2024 реагираше пратеникот Митко Трајчулевски од СДСМ укажувајќи дека се работи за веќе измината буџетска година и се прекршува закон.

Вака донесената одлука за давање согласност за веќе измината година е прекршување на законот. Самата одлука би била спорна и доколку биде оспорена, може да предизвика дополнителни негативни последици – рече Трајчулевски.

Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска ја прекина 31-та седница и продолжението го закажа за утре во 13 часот.

Поврзани вести