Skip to main content

Кој сè нè вози со автобус: Ги пријавувале за изгубени, па земале нови возачки со допишана „Ц“ или „Д“ категорија

Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, обезбедени по барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска се вршат претреси на 32 локации во Скопје, на лица, домови и службени простории во МВР, се вели во соопштението испратено од ОЈО Скопје за истрагата околу шемата за издавање на лажни возачки дозволи.

Од ОЈО додаваат дека се преземаат и други дејствија заради обезбедување докази поради сомненија за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 од Кривичниот законик.

Од Министерството за внатрешни работи утрово соопштија дека спроведуваат нова акција поврзана со незаконското издавање и фалсификување возачки дозволи.

МВР денеска спроведува координирана акција со претреси на повеќе локации поради сомненија за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за Ц- и Д-категорија – потврдуваат од Министерството.

Велат дека акцијата е во тек со цел расчистување на случаите и обезбедување материјални докази.

Денешната акција следува по истрагата што внатрешната контрола на МВР ја отвори минатиот месец кога беше откриено дека вработени во управните служби незаконски впишувале повисоки категории во возачки дозволи на лица што немале положено испит за управување камиони или автобуси.

Системот функционирал така што граѓаните фиктивно пријавувале изгубена возачка дозвола и поднесувале барање за нова. При фотографирањето и процесирањето на документот, корумпирани службеници во управните служби на МВР директно во системот им ги допишувале бараните повисоки категории. Се шпекулираше дека за услугата наплаќале тарифа од околу 1.400 евра.

Се појавија сомнежи дека на овој начин се фалсификувани повеќе од 300 возачки дозволи, а некои од инволвираните службеници претходно биле поврзани и со аферата за лажни пасоши („Двојник“).

Одделот за внатрешна контрола при МВР започна опсежна истрага, а министерот Панче Тошковски потврди дека се преземаат мерки во координација со Основното јавно обвинителство (ОЈО). Тој најави најстроги санкции за секој кој ја злоупотребил службената позиција.

Поврзани вести