
Формирање законодавно-подготвителна комисија составена од специјализирани лекари и правници, со цел да се создаде јасна рамка за тоа како функционираат центрите како оној што го посетил грчкиот пејач Јоргос Мазонакис непосредно пред да почине, најави министерот за здравство на Грција, Адонис Георгиадис говорејќи за државната телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Популарниот грчки пејач почина во средата од срцев удар, веројатно за време на медицинската процедура плазмафереза во ординација во Атина, која според досегашните информации била регистрирана како обична приватна ординација по интерна медицина, но вршела и терапии со матични клетки и сепарација на крвна плазма.
Министерот за здравство на Грција истакна дека „терапиите против стареење, долговечноста и longevity се голем дел од медицинската наука, кој има огромен глобален развој“, посочувајќи дека треба да ги има и во Грција, „но забрането е да се спроведуваат вон болниците“.
Медицинската наука, матичните клетки, различните техники за долговечност итн. ги надминаа регулаторните рамки на државите. Бидејќи развојот на овој тип услуги беше побрз од законите на државите. По овој повод, добро е да се стави ред во оваа област и токму тоа ќе се обидам да го сторам, истакна Георгиадис.
За смртта на пејачот и терапијата во ординацијата рече дека „сосема е сигурно дека постапката што се изведувала била незаконска, бидејќи ординацијата имала законска дозвола како ординација за интерна медицина, но плазмафереза не е меѓу процедурите што смеат да се вршат во таква ординација“.
Сопствениците на ординацијата, брачен пар лекари, доцна синоќа беа уапсени за смртта на 54-годишниот Мазонакис и против нив е покрената постапка за кривично дело изложување на опасност со смртен исход, што според грчките медиуми, произлегува од фактот што од доказите се гледа дека медицинската постапка била започната, дека пациентот и претходно бил во тешка состојба и дека ординацијата немала соодветна дозвола за да може да ја изврши конкретната терапија.
Претпладнево беше извршена обдукција на телото на 54-годишниот пејач во присуство на техничкиот советник што го одреди семејство, но обдукцијата не дала јасен заклучок за причините за смртта на Мазонакис, а се очекува резултатите од токсиколошките анализи да дадат одговори. (МИА)

Македонски

