
Инцидент со јасна етничко-јазична димензија го одбележа верскиот настан во Саат џамијата во Гостивар, каде што верниците се собраа по повод хетим дова и обраќање во чест на покојниот Шакир еф. Фетаху.
Една од најгласните реакции дојде од познатиот политичар и активист Ердоган Сарач, кој во објава на социјалните мрежи упати остри критики до раководството на Исламската верска заедница, обвинувајќи го Реис-ул-улемата за јазична дискриминација.
Дури ни две реченици на турски јазик не беа прочитани. Јавно реков: ‘Кажете барем две реченици на турски!, напиша Сарач, додавајќи дека дел од верниците биле очигледно вознемирени од игнорирањето на турскиот, мајчин јазик за многумина во регионот.
Тој посочи дека ситуацијата дополнително се вжештила откако еден имам, наводно, изјавил дека „овде има само месојади“, на што Реисот не реагирал. Според Сарач, таквиот молк ја легитимира дискриминацијата, а како одговор најави дека нема да присуствува на следната покана од страна на Исламската заедница.
Ова не може да биде случајност. Го одбиваме секое понижување на нашиот јазик. Турскиот е службен јазик во ИВЗ, и тоа мора да се почитува, рече тој.
Исламската верска заедница засега нема официјален коментар по повод обвинувањата.