Skip to main content

Сиљановска-Давкова прими претставници на граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ – Охрид

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими основачите на граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ – Охрид, Драгана Карашова, Ѓорѓи Љатко, Симеон Карашов и Љиљана Илиевска.

На средбата во вила „Билјана“, еко-активистите ја информираа претседателката за нивните активности во справувањето со отпадот на депонијата „Буково“ и воопшто, со заштитата на животната средина во Охрид и околината. За нив состојбата сѐ уште е загрижувачка, со оглед на фактот дека депонијата честопати се пали, ширејќи чад со канцерогени материи, коишто стигнуваат до околните населби и до Охрид. 

Соговорниците разговараа за можното трајно решение, врзано за регионална депонија, како и за потребата од оневозможување на депонирањето на отпадот, преку Законот за комунална полиција.

Предмет на разговор, инициран од претседателката, беше и системското пристапување кон решавањето на сериозните еколошки проблеми преку градење еколошка свест и совест низ образовниот процес, од градинките до високото образование, како и низ институциите и соработката со граѓанскиот сектор.

Неспорно за сите беше дека идеја водилка во заштитата на животната средина мора да биде еколошката филозофија дека нашиот здрав живот директно е предодреден од здравјето на природата, па штитејќи ја неа, се штитиме себе си.

Претставниците на „Збогум Буково“ ја охрабрија претседателката да земе активно учество во чекорите насочени кон конечното збогување со оваа, но и другите диви депонии.

Поврзани вести