
По повод Меѓународниот ден на младите 12 август, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Вила Билјана прими млади од Охрид.
Како што оопштија од Кабинетот на претседателката, на средбата учествувале претставници на Младинскиот центар Охрид, членови на Младинскиот совет од Охрид, првенци на генерацијата од трите средни училишта во градот, креатори на еко-апликацијата „Trashpinger“, учесници во меѓународни младински размени, како и членови на Летната школа за гитара и Летната ликовна школа при МЦО.
-Младите ги презентираа своите ИТ-вештини, како и талентите во сликарството, танцот и музиката. Најуспешните средношколци ги споделија искуствата од школувањето и плановите за иднината, а учесниците во меѓународната размена информираа за позитивните искуства од посетата, се наведува во соопштението.
За претседателката, Охрид ќе биде поубав, доколку се искористат знаењето, умот и талентот на младите луѓе, како носители на нови идеи. Возрасните мора да им овозможат на младите учество во управувањето со сегашноста, ако сакаат подобра иднина.
Заедничка порака на средбата е дека е многу важно донесувањето на измените на Законот за младинско учество и младински политики.