
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го примила генералниот директор на Шведската меѓународна развојна агенција – СИДА, Јакоб Гранит и шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин.
Изразувајќи благодарност за досега имплементираните проекти на СИДА во земјава, претседателката Сиљановска-Давкова посочила дека Агенцијата одиграла клучна улога во зајакнувањето на невладиниот сектор и македонската демократија преку финансиска помош во висина од 10 милиони евра за 2024 година, од коишто половина биле наменети за невладиниот сектор, 30 отсто за мултилатерални организации, а 18 проценти за јавниот сектор, односно за проекти во областа на човековите права, демократијата, родовата еднаквост и климатските промени.
Генералниот директор на СИДА, кој е во неколкудневна посета на земјава, го истакнал долгогодишното партнерство со македонската Влада и државните институции и изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на воспоставената соработка. Тој изразил интерес за инвестиции во развојот на инфраструктурата и транспортот, пред сé, во железничкиот сообраќај, како и во заштитата на животната средина и најавил можност за соработка во текстилната индустрија.
Како што соопштија од претседателскиот Кабинет, соговорниците разговарале и за македонскиот евроинтегративен процес, имајќи предвид дека Шведска е држава која како членка на ЕУ може да понуди сознанија и експертиза во различни области.
Покрај политичката поддршка, Сиљановска-Давкова оценила дека Шведска и практично придонесува за унапредување на нашата реформска агенда за влез во ЕУ, а наша цел е ова партнерство да продолжи и во иднина.