
Да се биде покровителка на Свечената академија по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, одржана во МАНУ, е ретка прилика и особена чест, соопшти Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Да се говори пред академици, професори, министри, дипломати и пратеници, како и врвни познавачи, почитувачи и вљубеници во македонскиот јазик е голем предизвик.
Со задоволство ги слушав исклучителните излагања на претседателот на МАНУ, Живко Попов, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и професорката Симона Груевска-Маџоска. Секој од нив, од свој агол и на автентичен начин ја осветли и расветли вековната генеза на македонскиот јазик пред неговата кодификација во 1945 година, една година по 2 Август 1944, кога на Првото заседание на АСНОМ беше прогласен за службен.

Еминентните говорници тргнаа од прасловенскиот јазик, вграден во старословенскиот, како прв книжевен јазик на Словените, никнат од говорот на македонските Словени околу Солун, како и од црковнословенските текстови од 10 и 11 век со специфични македонски зборови, продолжија со ракописите од крајот на 16 век, зачекорија во преродбата од 19 век.
Врвот на борбата за македонскиот јазик како книжевен сите го врзаа за Крсте Мисирков и „За македонцките работи“, како основа на кодификацијата од 1945 година.
Македонскиот јазик влезе во театарот преку драмите на Чернодрински, Иљоски, Крле и Панов и се пишуваше прекрасна поезија на македонски јазик. Среде Втората светска војна се печатат весници и буквари, а на ослободената територија се отвораат првите училишта на македонски јазик.
Кодификацијата што ја славиме, означи успешен крај на вековната македонска битка за свој јазик, како основен белег на македонскиот национален идентитет и посебност“, потенцира во објавата.
-Кодификацијата е логично крунисување на заокружената генеза на македонскиот јазик како службен јазик на македонска држава и еден од трите службени јазици во Југословенската федерација!
Анахроно, нецивилизирано и парадоксално е да се негира македонскиот јазик. На него е создадена богата книжевност со врвна вредност, напишани се вредни научни трудови и речници, бројни лекторати за македонски јазик функционираат на познати универзитети, додаде во одјавата.
Претседателката истекна дека треба да си го почитуваме и сакаме македонскиот јазик оти тој е неразделен дел од нашиот уникатен македонски идентитет.