
Горди сме што денеска по осум години може да кажеме дека 27 април беше катализатор за нови промени кои што му се случија на ова општество. Тоа беше денот кога почна да се размислува различно, не со логиката за блокирање на евроинтегративните процеси, туку со логиката на компромис на којшто треба да се состои политичкото дејствување, порача денеска лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, на прес-конференција по повод упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
Според Села, изборот на Албанец за претседател на законодавниот дом требало да се случи многу поодамна, бидејќи, како што рече, тоа ја прави земјава уште побогата и попросперитетна.
– 27 април има и други симболики, тоа е денот кога за првпат беше избран Албанец за претседател на Собрание. Тоа требаше да се случи многу поодамна, но, ете, 2017 се случи нештото и тоа ја прави Македонија уште побогата и никако не ја враќа назад. Зборувам како претседател на партија, една од причините зошто бев таму. Тој ден беше денот кога јас одлучив дека време е да се донесе закон за употреба на јазиците, закон кој ќе ја искористи целата можност што ја дава Уставот и да не се дозволува албанскиот јазик по потреба, рече Села.
Оцени дека албанскиот јазик не е регулиран како што треба, бидејќи, како што рече, се работи за еден од најстарите јазици во светот на кој земјава би требало да е горда да стои рамноправен со македонскиот.
– Имајќи предвид за тоа што се случува со Уставниот суд којшто сака да го укине овој Закон, тоа е добриот одговор за тоа дека законот е добар. Дали албанскиот јазик е регулиран како што треба? Секако дека не. Албанскиот јазик е еден од најстарите јазици во светот и Македонија треба да е горда албанскиот јазик да стои рамноправен со македонскиот јазик, тоа ќе не прави побогати како држава и помирни со повеќе перспектива како држава со поглед кон иднината, рече Села.