
Интензивно се гаси пожарот на планината Серта меѓу штипските села Драгоево и Селце, информира командирот на Територијалната Противпожарна единица-Штип, Благој Ренџов. Пожарот кој избувна вчера попладне не е ставен под контрола, сите сили од земја се наочени да не се шири и зафати поголема површина на даб, смрека, висока трева и нискостеблести растенија.
На терен од вчера сме 15 пожарникари со четири возила, а денеска имаме уште четири возила од македонската интервентна единица и сме горе на сртот, пробуваме да го сопреме огнот да се шири, изјави Ренџов.
Прашан дали пожарот на планината Серта е подметнат од страна на пиромани, Ренџов одговори дека досегашните анализи покажуваат дека 70 до 80 отсто од пожарите на отворено се подметнати.
Но, тоа го оставам на надлежните институции да си утврдат, од што е настанат пожарот. Во текот на денот се надеваме и на поддршка од воздух. Ние сме во координација со Скопје и се надеваме дека ќе имаме поддршка, посочи Ренџов.
МИА утринава беше воселото Селце, каде што во непосредна близина е шумскиот пожар. Седумдест и две годишната Алиф Сание вели дека жителите во селото ноќта ја поминале во страв, за да не пристигне огнот до нивните домови. Сание е револтирана што некој повторно ја запалил планината Серта, бидејќи добитокот кој го имаат е постојано во овој дел на планината.
Таму каде што гори, тоа е многу убаво место, бидејќи ако ја пасиш таму стоката се добива многу млеко, колку што сакаш. Местот е многу убаво, „аир да не види некој, ако го е запалил“. Многу ми е жал што има пожар и за цела Македонија, ние тука живееме, ова е наше родно место – изјави Сание.
Таа вели дека постојано на радио и на телевизија слушаат и гледаат да не се палат шумите. Инаку, во селото Селце живеаат Македонци и Турци, соживот имало со векови, но како што вели Салие во него сега се останати повозрасните жители, а нивните деца се иселени во Штип или во странство