
Од СДСМ оценуваат дека во момент кога нивниот Антикорупциски тим јавно ги отвора и објавува, како што наведуваат, сомнителните тендери и коруптивни зделки поврзани со актуелната власт, се интензивирале обидите за дестабилизација на партијата одвнатре.
Според најголемата опозициска партија, станува збор за организирана и координирана акција во која, како што тврдат, учествуваат структури поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ посочуваат дека вакви напади немало во изминатиот период, а дека започнале токму во моментот кога Антикорупцискиот тим на партијата ги објавил информациите за наводно спорни тендерски постапки.
„Се работи за тендери со значителна финансиска вредност, меѓу кои и 161 тендер доделени на една фирма во износ од 5,3 милиони евра, како и други случаи за кои сметаме дека заслужуваат внимателна проверка. Токму поради тоа сметаме дека се активирани синхронизирани обиди за внатрешно уривање на СДСМ“, наведуваат од партијата.
Од СДСМ тврдат дека во овие активности се вклучени поранешни функционери и поединци кои подолг период не биле присутни во јавноста, како и лица кои претходно ја напуштиле партијата.
Истовремено, од СДСМ порачуваат дека нема да се откажат од отворањето на прашањата за кои, како што велат, постои јавен интерес.
„Антикорупцискиот тим ќе продолжи со својата работа. Граѓаните сè повеќе се вклучуваат во оваа борба, а преку дигиталната платформа МИЦКО.мк секојдневно пристигнуваат нови пријави“, истакнуваат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ќе продолжат да инсистираат на транспарентност и одговорност, нагласувајќи дека, според нив, процесот на објавување на информации нема да биде запрен.

Македонски






