
Битола е најпланинарскиот град во Македонија, изјави за МИА, д-р Сашко Кедев, кој беше гостин на планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, здружение кое одбележува 90 години од основањето.
Во чест на јубилејот, д-р Сашко Кедев приреди презентација со наслов „14х8000 МЕТРИ“ низ која со збор и слика ги пренесе доживувањата за време на освојувањето на 14-те највисоки планински врвови на светот.
За мене Битола е најпланинарскиот град во Македонија и затоа секогаш првите презентации во татковината ги одржувам во Битола. Ова го правам затоа што имам посебно чувство на респект кон Битола и не само како најпланинарски град, туку и град што го даде Димитар Илиевски Мурато, човекот што ја трасираше патеката на искачување на големи височини“, истакна д-р Кедев.

Низ презентацијата „14х8000 метри“, д-р Кедев пред битолчани потсети дека го затворил кругот на 14 планински врвови, бидејќи како што рече, само затворениот круг е перфектен.
Само затворениот круг е перфектен, но можеби ќе се отворат нови кругови и тоа не го исклучувам. Основно е никогаш не вели никогаш. Врвовите се на седум континенти или тоа се т.н. Seven Summits, а тука спаѓа и Еверест како највисок врв на Азија. Во презентацијата се моите лични искуства, предизвиците и сознанијата до кои дојдов во зоната на смртта. Планината им припаѓа на сите, нема возрасна граница, нема лимит за планинарење. Секој човек може да го најде својот индивидуален лимит и секој може да го најде своето индивидуално прифатливо ниво на ризик“, посочува д-р Кедев.
Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“-Битола, програмските активности посветени на јубилејот 90 години од основањето ќе ги заокружи в недела со планинарска тура, истакна Димче Попов, претседател на клубот.
Оваа вечер имавме големо задоволство што успехот на д-р Кедев кој го затвори кругот на 14 највисоки врвови во светот да го презентира токму во нашиот град и за време на прославата на нашиот јубилеј – 90 години од формирањето на клубот. Програмата ќе ја завршиме в недела со настан кој ни го довери Планинарската федерација на Македонија, а е поврзан со меѓународното одбележување на Денот на планината. До овој момент пријавени се околу 400 планинари и сите ќе учествуваат на пуштањето на новата планинарска патека која почнува од селото Цапари до местото викано Пресека, а потоа ќе имаме дружење до Инфо центарот на ЈУ Национален парк „Пелистер“, истакна Попов.
Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, вечерва во Битола во рамки на јубилејот и во знак на голема почит на постигнатите успеси, на д-р Сашко Кедев му додели плакета за вонредни заслуги.

Македонски







